Изложба на слики од Данчо Кал’чев вечерва, во 20 часот, ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Пред публиката тој ќе го претстави проектот „Генесис“. Изложбата на неговите најнови творечки остварувања ќе ја отвори академик Георги Старделов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите. За „Генесис“ е подготвен специјален каталог со репродукции во боја. Преговорот го напиша Старделов, а текстот е на историчарот на уметноста Емил Алексиев.
Данчо Кал’чев е еден од најзначајните македонски ликовни уметници. Досега се претставил повеќепати во земјава и во странство. Користејќи ја поетиката на историскиот енформел, тој се декларира во однос на сопственото време и во однос на минатото, велат историчарите на уметноста.
„Уметниците на енформелот, како што тоа го прави и Данчо Кал’чев, користат разновидни материјали - песок, земја, цемент, гипс, разни смоли, текстил, хартија метал. Искористениот материјал е амблематичен за енформелот. Тој го одредува онтолошки, според него и со негова помош уметникот го открива духот на времето“, пишува Алексиев.
Кал’чев е роден во 1957 година, во Скопје. Во 1979 година дипломира на Педагошка академија во класата на сликарот Ванчо Георгиевски, а пет години подоцна го завршува Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Димитар Кондовски. Од 1986 година предава во гимназијата во Гевгелија. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.